За кого е наменет Speechpool?
Ако сакаш да ги вежбаш твоите вештини за толкување, да работиш на нов јазик за да ја подобриш твојата комбинација или да придонесеш нешто кон заедницата на толкувачи преку доставување говори, тогаш си на вистинското место.
Добредојден/а си тука дури и ако не си толкувач и само сакаш да слушаш интересни говори за да ги подобриш твоите вештини на слушање и разбирање, како и општата култура.
Speechpool има за цел да биде место каде студенти по толкување, дипломирани студенти и луѓе кои работат како толкувачи можат да го споделат своето знаење и експертиза и да си помогнат едни на други. Те молиме, вклучи се во оваа експериментална соработка!
Нурни се!
Повеќето страници на овој Интернет-сајт ти овозможуваат да бараш говор користејќи го „Пребарувачот“ и паѓачкото мени кое се наоѓа од десната страна. Внеси ги клучните зборови кои те интересираат, на пример „Ирска, земјоделство, бројки, брзо“. Намести го паѓачкото мени на „Сите“ за да ги пребараш сите говори на Интернет-сајтот, или избери тема за да го стесниш пребарувањето.
Кога ќе се појави списокот со говори, можеш да избереш говор врз основа на рејтингот со ѕвездички, што ја прикажува неговата тежина, или врз основа на актуелноста и популарноста на говорот.
Кога ќе завршиш со гледање на говорот, не заборавај да гласаш за неговата тежина! Исто така можеш и да оставиш коментар за говорот. Ако си навистина загреан, можеш да го прикачиш твоето толкување на YouTube и да оставиш линк во делот за коментари за другите да го видат твојот обид и да ти дадат повратни информации!
Рангирање со ѕвездички
Еве ти можност да го дадеш твоето мислење. Дали говорот беше лесен како песна? Тежок, но изводлив? Невидено тежок? Гласај!
* вода до глуждови
** вода до колена
*** вода до гради
**** вода до гуша
***** одвај се држи глава над вода
Приклучи се!
Ако сакаш да прикачиш говор, треба да го направиш следното:
-
Контактирај нè за да добиеш детали за пријавување. Говорите можат да ги прикачуваат студенти по толкување, дипломирани студенти на студии за толкување и луѓе кои работат како конференциски толкувачи.
-
Подготви говор и сними се со видео камера, интернет камера или мобилен телефон. Каков тип на говор? Како што те учеле на час, се разбира: со времетраење од 4 до 12 минути, добро структуиран и кажан спонтано. Од тебе зависи дали ќе биде лесен или тежок, филозофски или набиен со факти и бројки, бавен или брз, тематски или историски. Имај предвид да не им биде досаден или претежок на колегите... Интересни, тематски, изводливи говори кои содржат лични мислења се секогаш добредојдени.
-
Прикачи го твојот говор на YouTube. Треба да имаш корисничка сметка. Ова е многу лесно, чесен збор! Можеш да ги искористиш поставките за приватност за говорот да биде прикриен (unlisted), наместо отворен за јавноста (public). Вака, говорот ќе биде видлив само за оние луѓе со кои ќе го споделиш линкот, а не за сите. Само внимавај да не го наместиш говорот да биде приватен (private), бидејќи така нема да можеш да го додадеш на Speechpool сајтот. Откако ќе ја прикачиш твојата видео снимка на YouTube, ископирај го кодот на видеото. Кодот можеш да го најдеш во УРЛ-то. На пример, доколку УРЛ-то е http://www.youtube.com/watch?v=dPF-iNmbxC8 ќе треба да го ископираш кодот dPF-iNmbxC8.
-
Кликни на „Прикачи говор“ на Speechpool сајтот. Внеси ги информациите во потребните полиња (насловот на твојот говор, темата, дали е соодветен за консекутивно или симултано толкување).
-
Внеси го УРЛ-то на видеото во соодветното поле.
-
Пополни го полето со клучни зборови. Ова ќе им помогне на другите корисници да го најдат твојот говор, па затоа внеси што е можно повеќе детали. Можеш да внесеш клучни зборови поврзани со содржината („обновливи енергии“, „оданочување“, „феминизам“) или со карактеристиките на говорот („тежок“, „долг“, „кипарски акцент“, „бројки“).
-
Постои и поле за корисни информации, како лични коментари („овој говор содржи неточни факти“, „овој говор е снимен веднаш пред претседателските избори во САД“) или за линк кон глосар, ако си великодушен.
-
На крај, пополни го полето „линкови до изворниот материјал“ со... линкови до твојот изворен материјал! Ова можат да бидат Интернет-сајтови со вести, специјализирани сајтови, блогови... Обиди се да одбереш линкови кои нема пребрзо да застарат.
-
Почитувај ги авторските права во подготовката на говорите. Едноставно читање на нечиј говор, дури и брилијантен говор даден од политичар, или користење на големи делови од текст напишан од друг автор, дури и ако е статија од весник, е кршење на авторските права и духот на Speechpool.